Saturday, March 31, 2012

Размислувај локално, делувај глобално

Претпоставувам веќе ви е јасно дека контекстот на политичкиот дискурс во Македонија периодов е дефиниран од претстојните локални избори. Можност за изборен Hat-trick на власта преку врзувањето на локалните избори со нови предвремени парламентарни, иако малку веројатно, само ја засилува политичката комуникација во истиот правец. Без разлика, јавноста е толку силно поделена, што дури и избори за претседател на куќен совет силно влијаат на политичката комуникација, не па локални избори. 

Она што мене ме интересира е контекстот на политичката борба за градот Скопје и општина Центар, како општини со највисока политичка корелација со проектот СК14 (Скопје 2014), нормално со сите негови надградби и проширувања.

Најпрво би сакал да го дефинирам проектот од политички аспект. Имено, СК14 иако надвор од предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, стана најсилен политички проект и најпрепознатлив белег кој го дефинира политичкиот дискрус во Македонија. Наивно, како локален предлог на општина Центар за поставување на споменик на Алексадар Македонски на централниот плоштад и тоа според насоки изгласани од сегашните опозиционери уште во далечната 1995 година, започна да се одмотува клопчето на т.н. „антиквизација“. Политичката околност во кој проектот започна (ветото во Букурешт), дополнително политички го „набабри“ проектот, врзано за односите со Грција и прашањето за името. Покрај сите економски кризи, неможност за остварување на останатите, навидум посуштински предизборни ветувања, штедења и задолжувања, проектот СК14 ревносно и прецизно се остварува како клучен политички проект на владеачката гарнитура и прерасна во бренд директно врзан за владеачката партија.

Опозицијата исто така голем дел од својата политичка комуникација ја има насочено против проектот и тоа од сите можни аспекти:
  • Естетски, како уништување на модерната, урбана архитектура на Скопје
  • Политички, како основа за заострување на односите со соседите и со тоа пречка за евро-интегративните процеси
  • Социо-политички, како нацистички инженеринг.
  • Криминал и корупција поради вредноста, итн.


Експертската јавноста (колку и да е зависна или независна) исто така се подели и прецизно издиференцира на про и контра СК14, па проектот стана занимација за секоја малку поактивна шуша. Политичката мобилизација отиде дотаму што пред 3 години заврши со срамен напад од контра-протестанти, при мирните протести  поради предлогот за изградба на верски објект (кој поради тоа подоцна беше дислоциран).



Сè на сè, СК14 со текот на годините, а и неговото привршување стана главен политички институт на поделба меѓу ионака поделеното општество. Толку за политичката, општествена основа на проектот.

Надвор од неговата политичка конотација, СК14 е всушност збир на објекти, споменици, згради и фасади, лоцирани во општина Центар (во најголем дел околу и на централниот плоштад) во неокласичен или барок стил. Кога ќе се одземат помошта и насоките од Владата, (иако правно спорни) СК14 преставува инвестиција на општина Центар во разубавување и редовна изградба на објекти во рамките на своите ингеренции.

„Малку правиме улици, малку тротоари, но и малку споменици, малку фасади“.

Дури и оние инвестиции во објекти од републички интерес (уставен суд, МНР и слично), сакале или не, тупнати им се на граѓаните на општина Центар во нивно маало. Покрај „центарци“ секојдневно со делата на СК14 се сретнуваат и останатите граѓани на Скопје.

Нормално градот Скопје е така конципиран па аЈродромци, чаирчани, граѓаните од Карпош, Кисела вода често ги забележуваат промените настанати од проектот и ако ништо друго, чуството дека проектот се гради во центарот на „нивниот“ град е силно и јасно истакнато.

Да заклучам. Иако СК14 политички е клучен проект на владеачката гарнитура, реално, фактички постои диференцијација на неговото конзумирање од локален аспект.

Обејктивно, граѓаните на Струмица, Битола, Охрид, Прилеп, можат да бидат горди, тажни, да се бунтуваат зошто се инвестира само во Скопје, или пак да ја глорифицираат силата на антиката, но секако нивниот интерес завршува тука. Верувам дека битолчани повеќе ги интересира „широк сокак“, охриѓани рампите за влез во Охрид, прилепчани водата за пиење, а струмичани „Глобал“, отколку бојата и изгледот на новата фасада на зградата на ЕВН.

Од друга страна, центарци најмногу, но и скопјани имаат директен контакт, привилегија или малер, директен интерес или мака со СК14. Тие секој ден директно ги конзумираат објектите на проектот СК14. Имаат или градат став од аспект на нивната естетика, споредуваат со претходната состојба, имаат или не реперкусии во нивната локална економија и слично. Некои сметаат дека центар се разубави, но некои го доживуваат како геноцид врз нивната носталгија. Некои се радуваат на новите (milestone)-и, на некој им фалат старите. Некои сметаат дека Скопје се гради, други дека се „силува“. На крајот на краиштата, целиот проект не се изгради ниту во Кратово, ниту во Кавадарци, туку во Скопје и тоа скоро целиот во општина Центар. Можеби интервјуто на режисерот Унковски, дава една прецизна слика за тоа како го доживуваат СК14 оние кои се против проектот, а се граѓани на Центар и Скопје. Не сум сретнал досега, но сигурно постои, или набргу ќе се појави, некое емотивно дело кое ќе го глорифицира проектот од личен аспект.

Колку и да е проектот СК14 општествен и политички курентен на ниво на целата држава, неговата изворна, основна  или ако сакате вистинска политичка легитимација или делегитимација претстои и ќе се случи на претстојните локални избори. Обемот и политичката конотација на проектот е толку голема што ги покрива сите други атрибути заедно. Точно е, новите автобуси, жичницата на водно, реновирањето на некои улици, но и недостаток од нови мостови или други капитални проекти, хигиената, па дури и контроверзното преименувањето на улиците и многу други политички активности се релевантни за одлуката на центарци и скопјани. Но апсолутно сите тие заедно, не можат да се мерат со габаритот на СК14 ниту од финансиска, ниту од политичка гледна точка.

Од друга страна одлуката на центарци и скопјани не само што ќе ја дефинира политичката насока од локален аспект, туку ќе претставува и јасен сигнал за политичкото расположение и на останатата публика. Со други зборови, можеби проектот идеолошки им се допаѓа или не на останатите граѓани на Македонија, но и нивниот вкус е променлив и се дефинира и ќе зависи од префернците на центарци и скопјани.

Да го земеме како пример Охрид. Колку и да се проектите на градоначалникот на Охрид, придобивка за сите граѓани на Македонија, бидејќи е Охрид главната туристичка мека на Македонија, нив ќе ги легитимираат или не охриѓани. Доколку СДСМ или градоначалникот Петрески успее да го освои Охрид повторно, тој политички избор, не само за охриѓани, туку и за нас останатите ќе значи легитимација на проектите на градоначалникот, како и порака за правилните политики на СДСМ во Охрид. Во спротивно, доколку СДСМ и Петрески изгубат на наредните избори, не само што ќе бидат делегитимирани во Охрид, туку тоа ќе влијае и на нас останатите кога ќе ја оценуваме политиката и смешните предлог-проекти на Петрески и СДСМ во Охрид.

Исходот од изборите за општина Центар и градот Скопје и досега имал најсилно влијание врз политичкото расположение на остатокот од републиката. Дури во оваа кратка плурална историја изборите за Центар и Скопје се сметале за предвесник на расположението за следните парламентарни избори на ниво на цела Македонија. Сега, истата таа преференца е дополнително обременета со легитимацијата или делегитимацијата на проектот СК14, со што претстојниве локални избори добиваат уште посилен политички интерес кај партиите.

Ајде сето ова да го упростиме:

Доколку ДПМНЕ ги добие овие две општини. Со каква релевантност ќе може да настапува Коља од аспект на рурализација на Центар, или кој потоа сериозно ќе ги сфаќа „распеани скопјани“ дека некој од страна им го „силувал“ Скопје. Како тоа Унковски ќе објасни дека „Скопје го предадовме без испукан куршум“, ама и на избори баш не се покажавме!?!?. Добро, борбата за поквалитетна естетика останува, како борба на експертски мислења на архитекти и слично, но политичкиот контекст против СК14 би бил целосно делигитимиран токму од граѓаните кои живеат со истиот. Колку и да се вади на ефектот на популизам, СДСМ ќе го изгуби правото на бојкот на СК14, ќе мора да внимава на бунтот против антиквизацијата, дури ќе треба (коректно би било) да им се извини на граѓаните поради бојкотот на 20-годишнината од независноста.

Но доколку ДПМНЕ ги изгуби овие 2 општини. Кое ќе биде нивното оправдување за она што им го направија на центарци и на скопјани воопшто. Политичкиот шамар и пркос вреден неколку стотици милиони евра (пари од сите граѓани на РМ), не може да не повлече последици по политичката релевантност и на остатокот од РМ. Надвор од тоа дека за парламентарни избори ќе треба да ја заборават прва изборна единица, како фактот што го поарчија целиот скапо платен кредибилитет кај скопјани и центарци ќе го оправдаат пред останатите. Реално, каква би била можноста ДПМНЕ да се спаси од еуфоријата „Го вративме Скопје на скопјани, следно ќе ја спасуваме Македонија“, и слично. Што ќе значи овој факт за оние условно „неопределени сфингери“ низ целата република, кога ќе сфатат дека стотиците милиони евра фрлени само во една општина предизвикале поголемо политичко негодување, отколку одобрување. Како потоа ќе личи прстот во око на Грција, или „трпењето“ од забавените евро-атлатнски процеси, поради гордоста на антиквизацијата. Која е таа ПР машинерија која ќе го спречи политичкото прелевање „Ако можеа скопјани, зошто не можеме ние“

Да се вратам на почеток. Во Македонија и изборот на претседател на ЗНМ, помина како кланска битка со политички контекст, а не пак локалниве избори. Очекувано, политичките партии тоа го знаат, па затоа очекувајте политичката комуникација да станува се поостра, а политичката борба да добие интензитет сличен на парламентарните избори. Нормално, борбата за општина Центар и град Скопје, ќе претставува битка за политичка легитимација на основната политика на левицата и десницата.






Thursday, March 22, 2012

Интеграција


Интеграција  - Поврзување на определени делови во целина поради заеднички интереси и за поуспешно дејствување. Слично со: обединување (ср.), соединување (ср.), интегрирање (ср.)


Еден од најупотребуваните зборови во политчката комуникација на балканот. Откако паметам политички изјави, зборот интеграција, заедно со сите негови деривати: обединување, заедништво, соединување, длабоко се експлоатира во политиката.
Милошевиќ преку САНУ најверојатно прв ја препозна политичката моќ на „интеграцијата“, па оттаму произлезе онаа позната теза „сви срби у једној држави“, или „Србија је тамо где су срби“.
Бранот национализам помалку или повеќе ги зафати сите балкански етникуми, а со тоа се појавија и интегративните идеи, како сонови за голема Албанија, обединета Македонија и слично. Последниве две се оние кои директно ја засегаат политичката состојба во Република Македонија, а кои со неколку изјави, прво онаа директната на Тачи, потоа и некој дериват на Ермира Мехмети од јануари, повторно станаа вирални теми.
Она што мене ми привлекува внимание е, зошто и покрај тоа што на сите им е јасно дека националистичките политики на балканот им донесоа најголема штета на оние кои ги применуваа, интеграцијата како поим и форма, како хипо коцка ја пали политичката сцена и има силна моќ на политичко поместување.
Ај да тргнеме оддолу нагоре. Постои еден чист, јасен факт поврзан со обединувањето или интеграцијата. Кај секој етникум, помал или поголем, постои јасна и недвосмислена желба да живее во една сопствена држава. Тоа апсолутно не е новина, ниту пак е ексклузивитет на политичката артикулација на балканот.
Најголемиот број французи живеат во Франција, италијани во Италија, норвежани во Норвешка. Најголемиот број германци на пример живееа поделени со ѕид!, во две држави 50 години, за на крајот повторно да се обединат во една обединета Германија. Интеграцијата, обединувањето како политички притисок постои секаде, политички се артикулира секаде, па зошто балканот би бил поинаков.
Сепак, анализирајќи ги западно-европските земји и нивните политички односи, се појавува еден факт, кој на балканот очигледно тешко се разбира. Имено повеќето французи точно е живеат во Франција, но не мал дел живеат и во Белгија, Швајцарија, дури и во за нив озлогласената Алеманија (Германија). Истото важи и за сите останати западноевропски етникуми. Фламанците иако во најголем дел живеат во Холандија, голем дел живеат во Белгија, Франција итн. Германците најверојатно се најраселени низ цела Европа итн.
Последната експанзионистичка, националистичка и чисто нацистичка наезда во Европа,  втората светска војна исто така започна под плаштот на обединување (нели интеграција) на сите германци во една држава, со аншлусот на Австрија и наивното анексирање на полските територии населени со германци. Потоа таа војна прерасна во освојување на територии кои би требало да се исчистат за германците, но тоа е друга тема.
1946 година Черчил во сеуште пеплосаната Европа одржува еден #епик говор каде најекспонираниот термин е погодувате интеграцијата!?!?. Интеграцијата како услов за никогаш да не се повтори ужасот на втората светска војна, интеграција за пораз на национализмот и нацизмот како политичка форма.


Разумните луѓе сфатиле дека потребата за интеграција постоела, постои и ќе постои... Истата не може да се игнорира, запостави и против неа не можат и не треба да се борат, туку да ја прегрнат и политички артикулираат.
Од пепелта на разурнувачката војна произлегува свеста за постепена интеграција на европските држави и тоа прецизно по примерот на американските. USE или United States of Europe. Тој процес трае и ден денес и е најуспешната европска политика (сега за сега).
Умните луѓе тогаш се договориле, наместо промена на граници, кои неминовно водат кон нови војни, да изградат систем на почитување на основните човекови права, права на малцински заедници, а паралелно да тече и процесот на интеграција на европските држави во обединета Европа. Помалку или повеќе оваа политика е доминантна во западно-европските земји, а се наметнува и на новите демократски општества по падот на комунистичкиот блок.
Да се навратиме за момент повторно на балканот. Бурето барут кое отсекогаш било препознатливо по својата страст, експлозивност и емотивност. Балканската мешавина на етникуми е најверојатно погуста од било кој друг европски регион, па затоа и наликува на Европа во мало.
Помалку или повеќе не постои балкански етникум, кој во голем процент живее во сопствена држава (можеби словенците се блиску). Македонци има во Грција, Бугарија, Албанија, горани на Косово. Албанци во значителен број живеат во Македонија, Србија, Црна Гора и Грција. Србите (како примерот на германците) се наверојатно најзастапени во останатите држави на Балканот.
Сите овие народи, во сопствените држави мнозинство, но во соседните како малцинство имаат јасна и недвосмислена потреба да живеат заедно, интегрирани со своите сонародници. Тоа е факт, јасен и тој не може да не постои. Тој не може да се победи или исчезне. Најверојатно 9/10 срби, или хрвати од Босна, би ви кажале дека би сакале да живеат итегрирано со останатиот дел од нивниот етникум. Албнците од прешевската долина или Чемерија сигурно би ви го дале истиот одговор, како и гораните, македонците од егејска, пиринска Македонија и слично. Обратно и мнозинските етникуми во сопствените држави, најверојатно не би им пречело да си ги до-интегрираат и малцинствата кај соседите (нормално ако може сосе териториите, не како бегалци).
Политичкиот притисок за интегрирање постои и ќе постои. Прашање на коњуктура е кога тој политички ќе се експлоатира и опортунистички ќе се користи за поместување на политичката сцена во нечија корист. Факт е дека овој притисок некогаш помал, некогаш поголем постои и ќе постои. Лично не верувам дека во оваа констелација на сили може да доведе до нови војни, но како политички притисок, како политичка желба, потребата од интеграцијата секогаш ќе биде тука.
Ако решиме овој факт да не го игнорираме, туку да го прегрнеме, политички артикулираме како разумни луѓе, би требало да го пратиме искуството на онаа поголемата Европа. Разумно би било интеграцијата да ја сфатиме како нужност која немора да биде зло.
Повеќе од јасен е мојот став дека ЕУ итеграциите се позитивна политичка опција за Република Македонија. Јас сметам дека ЕУ интеграцијата на Македонија ќе и донесе благодет, напредок, просперитет и слично.
Но јас како непоправлив ЕУ итегративец, одам и еден чекор понатаму. Сметам дека стопирањето, одложувањето, инхибирањето на ЕУ интегративните политики на Македонија се штетни. Нанесуваат директна и тешко поправлива штета. Сметам дека процесот на ЕУ интеграција на балканот не само што е потребен, туку е и нужен. Нужен за да го супституира националистичкиот политички капацитет. Да ја загуши шовинистичката реторика. ЕУ интеграцијата е победа над онаа другата националистичка, воена интеграција.

П.с. Полека само со коментари и критики, прв блог ми е J