Friday, November 1, 2013

„Моторџиски приказни“ – Галичник

Го знаете она чувство кога стануваш рано сабајле без будилник и веднаш се чувствуваш расонет, подготвен за она што претстои? Ете такво е чувството секое утро кога се подготвуваш за нова тура на мотор. Интересен е фактот што многу често приказните „на мотор“ започнуваат рано наутро и скоро без исклучок собирањето претставува ритуал на кафе-пиење во некое локално кафуле. Утринскиот ритуал има посебен шмек. Тогаш се договараат деталите за рутата, се коментираат претходните тури, а се разменуваат и искуства и познавања за моторите. Најчесто се делат „добронамерни“ совети кои повеќе личат на закачки. Па така „каде бе со тие патики“, „со оваа јакна ќе смрзнеш“, или „кацигата не ти одговара со бандажите“ се фрази кои се постојано актуелни. Секогаш имајте на ум дека приказната на маса е исто толку важна како и приказната на мотор.


Тоа утро беше совршено. Плаво небо, мирен воздух и температура која ветува одличен ден. Групацијата овој пат беше составена од два патнички ендура Honda Varadero 1000, BMW RT 1200, како и два скутера Beverly 300 и една Vespa Piaggio 150 (во натамошниот текст „косилиците“). Договорена беше тура до Галичник, со пауза во Маврово. Доколку поаѓате од Скопје и доколку не возите преку „Јасен“ (тоа е друга приказна), тогаш скоро секоја тура вистински почнува на 100 км од Скопје. Без разлика на која страна ќе тргнете, околу 100 км е автопат за што постои консензус дека претставува не-авантуристичкиот дел од секоја тура. Така и овој пат. Се упативме на автопатот за Тетово, со намера делот до Гостивар да го поминеме онака како што заслужува, брзо и ефикасно. Во тоа бевме малку ограничени со можностите на „косилиците“, за кои брзината од околу 100 км/ч претставува лимит на безбедно возење.
Иако релативно досаден, автопатот нуди можност за поинаква возбуда врзана за брзината. Имајќи на ум дека под вашето седиштето запнуваат околу сто коњски сили, да и доделите на секоја од нив обврска да испорача брзина од само 1 км/ч, значи дека за возењето употребувате мал дел од вашето внимание. Тоа, заедно со чувството на затвореност кое го дава кацигата, едноличниот звук создаден од комбинација на машината на моторот и ветерот, создава невообичаено чувство на изолираност кое ви дава можност длабоко да се занесете во своите мисли. Токму така занесен во размислувањата за суштината на животот, на излезот од една блага десна кривина, пред мене се отвори еден правец од неколку километри. Смислата на животот веднаш стана неважна тема затоа што се појави гласот на едно „мало ѓаволче“, кое вели: „Коњите во машината прават забава затоа што си ги оставил без работа!“. Возбудата од предизвикот за она што следи почна да ја чувствува секоја клетка од организмот. Левата рака инстиктивно го стисна квачилото, а десната го симна гасот на минимум. Настапи „штама!“. Моторот замолчи, а остана да се слуша само свирежот на ветерот. „Коњите“ кои пред малку „правеа забава“, сега се наредени во строј и чекаат наредба. Гласното „чкрап!“, предизвикано од преместувањето на менувачот за едно колено подолу е јасен сигнал дека оваа тишина е само затишје пред она што следува. Второто „чкрап!“ кое го симнува менувачот во четврта брзина, недвосмислено потврдува дека ќе се оди до крај, дека ќе се бара максимум и од машината и од возачот. 
Иако целиот овој процес трае едвај една секунда, адреналинот веќе го има зафатено целото тело. Затишјето се уште не прераснало во бура, а силното биење на срцето веќе го чувствувам и на врелите образи и на испотените дланки. Истовремено, онака како што отсекогаш тоа го правеле, левата рака го отпушта квачилото, а десната го навртува гасот на максимум. Машината својот бес го покажува преку громогласниот крик на сите сто коњски сили. Стрелката на мерачот на вртежи подрипнува како да згазнала на вжештена подлога, а мерачот на брзина рамномерно ја исцртува кружницата на зголемувањето на брзината. Сите сетила ја чувствуваат моќта која ја испорачува „ѕверот“ под нозете. Во тој момент моторот подрипнува како коњ во галоп, а забрзувањето го чувствува целото тело. За многу кратко време менувачот го префрлам напред за едно, па уште за едно колено. Повторно сум во шеста брзина, но овој пат во сосема поинакво својство. Во тој момент станувате крал на асфалтот. Се останато на автопатот станува неважно. И вам, и на неколкуте возачи околу им е јасно кој е главен во тој момент. Тврдам дека страста за моторите не е толку во брзината, колку што е во забрзувањето. Не знам колку изнесува крвниот притисок или пулс во тие моменти, но знам дека срцето од петни жили се труди да испорача што е можно поголема количина на енергија, сите сетила пренесуваат информации со животинска брзина и точност, а мозокот го достигнува највисокиот степен на ефикасност во обработка на тие податоци. Свесен сум дека тоа чувство е многу тешко да се опише, но кога би се обидел да го објаснам би рекол дека се работи за комбинација од будење на животински инстинкти и чувство на моќ. Тоа е страст која влече и која е опасна доколку разумно не се контролира. Крајот на правецот се ближи. Ја оставам машината сама да се врати во првобитниот „еквилибриум“, а телото да се совземе од напливот на возбуда и адреналин.
Чекајќи ги „косилиците“ да стасаат, се упатувам на патот Тетово – Гостивар кој помалку или повеќе слично го минуваме. Нагорнината „стража“ е посебен филм. Релативно благите кривини, солидниот асфалт и нагорнината ви овозможуваат да ги тестирате своите способности за „лежење“ во кривини. Всушност, нагорнината „стража“ претставува добра предигра за убавините кои следат откако ќе се исклучите на патот кон Маврово. Овој предел, заедно со делот кон Лазарополе, претставуваат едни од најживописните предели кои секој мора да ги посети. Крошните на дрвјата кои на одредени делови целосно го затвораат небото над вас, раскошното зеленило, температурата пониска за 10 степени од центарот на Скопје, нерамниот пат и честите кривини претставуваат вистинска авантура за било кој возач.



Паузата во Маврово ја искористивме за размена на искуства од изминатиот пат. Доколку се одлучите за групно возење мотори, овие паузи се важен дел од приказната и затоа советувам да не ги прескокнувате, но секако треба да внимавате на одредени правила. Прво да бидеме на чисто, сè што се случило на мотор, на маса е за 30% поголемо. Значи ако правецот реално си го поминал со „толку“, на маса е „толку + 30%“. Ако кривината си ја легнал со „толку“ степени, на маса е „толку + 30%“. Второ правило е „не претерувај“. Знаејќи го првото правило, секоја приказна која ја слушаш, барем еднаш треба да ја прекинеш со „не претерувај“ или „пред мене возеше, те видов не беше така“. На крајот деталите и не се толку важни, колку чувството на припадност, хуморот и поврзувањето со групата.




Патот од Маврово кон Галичник е навистина најубавото доживување. Најнапред пред вас се исправа една интензивна нагорнина, со крајно лош асфалт и многу остри кривини. Бидејќи патот е навистина тесен, а вегетацијата премногу густа, на овој дел станувате едно со шумата. Иако сте на мотор и возите, чувството е како да се пробивате низ густата шума со цел да се искачите на врвот од планината. Патувањето на мотор, покрај убавините со кои ги храните вашите очи, ви овозможува природата и пределот да го доживеете и со останатите сетила. За разлика од автомобил, на мотор директно ја чувствувате промената на температурата во одредени делови од патот, а мирисот на шумската вегетација целосно ви отвора нова димензија на патувањето. Во споредба со „досадниот“ автопат, овие предели претставуваат вистинска авантура и доживување и затоа турите на мотор се подготвуваат токму за вакви предели.


На крајот од ова „планинарење“ на мотор, густата вегетација ја снемува, а пред вас се отвора Галичкото плато. Тоа е една невообичаено пространа висорамнина, низ која проаѓа еден тесен пат по кој возите. Иако оваа тура се одвиваше некаде во Август, температурата на врвот на Бистра беше прилично ниска, а на неколкуте осојници се уште се беше задржал зимскиот снег. Фактот дека се возиш и уживаш во чист воздух и температура од околу 25 степени, додека во Скопје луѓето дишат на жабри, само ја засилува потребата што подолго да уживаш во својата авантура. Иако тесен и на моменти со остри кривини, патот до Галичник е со многу малку возила и претставува вистинско уживање да се помине на мотор.
Без исклучок, турите на мотор завршуваат со ручек во некој од локалните ресторани, каде најценет е локалниот специјалитет. Во Галичник најверојатно нема да погрешите каде и да седнете, а секако не пропуштајте галичка пита, овчо кисело млеко и галичко сирење.


Македонија има одлични предели, со живописни планини и прекрасни селца. Секако е убаво да се посети било кое од нив, но чувството кога ги посетувате „на мотор“ е далеку поубаво. Подоцна дознав дека во Скопје постојат неколку групации кои практикуваат слични авантури и кои се расположени за заедничко дружење. Затоа доколку имате мотор, или се двоумите да набавите еден за себе, ви препорачувам да го сторите тоа и да се приклучите на некоја од групите кои организираат тури низ Македонија. 
Преземено од ревијата за автомобили „GTA

1 comment: