Friday, March 14, 2014

ИЗБОРНИ ПРИКАЗНИ


Без разлика што сите изборни циклуси претставуваат релативно слична техничка операција, секој од нив во себе носи единствена приказна. Посебноста не се однесува на начинот на кој се одржуваат изборите, туку на расположението на јавноста и мотивацијата за гласање. Ако изборите 2002 претставуваа мини револуција за спас на државата, во 2006 носечка мотивација беше потребата од прогрес, развој, подобар стандард и слично. Серијата изборни циклуси подоцна, иако навидум слични, во себе носат посебни приказни кои ги прават суштински различни. Пример локалните избори 2009, кои претставуваа вистинска борба за локалната власт, не можат да се изедначат со „отпорашките“ локални избори минатата година, кои поради случувањата околу „црниот понеделник“, претставуваа борба на две генерални опции. Некогаш, дури и во ист изборен циклус, постојат различни приказни во различни делови од земјата. Изборот на Андреј Жерновски за градоначалник на општина Центар, суштински не може да се изедначи со изборот на било кој друг градоначалник, ниту пак со било кои друг изборен циклус, а целосно различна приказна имаше и изборот на градоначалниците на Кичево и Струга, каде се бранеше етничката кауза. Секој изборен циклус има своја приказна полна со единствени карактеристики и детали и секој може посебно да се анализира. Во моментов, нас секако не интересира приказната за овие двојни (претседателски и предвремени парламентарни) избори 2014, чија приказна ќе биде целосно комплетирана, само откако ќе завршат изборите.
МАЛИТЕ ПАРТИИ
Носечкиот судир, како и на најголемиот број избори претходно, ќе го имаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во македонскиот етнички кампус и секако ДУИ и ДПА кај албанскиот. Но за да се разјасни судирот на големите партии, мора најпрво да се направи анализа на целиот политички спектар. Обид за некакво позиционирање на политичката карта ќе имаат и ГРОМ на Стевче Јакимовски и АПМ на Бучко, Зиков и Минчо Јорданов. Додека го пишувам овој текст, сѐ уште е нејасна позицијата на Руфи Османи, но таа најверојатно нема многу да влијае на конечниот распоред на силите. Малите десничарски партии (ВМРО-НП, Обединети за Македонија и Достоинство) се прилично политички истрошени од минатите изборни компромиси. Нивната единствена шанса, за евентуален успех од 1-2 пратеника, е обединување во посебна групација и заеднички настап на предвремените парламентарни избори. Вака раздвоени како што се во моментов, најверојатно ќе доживеат целосен неуспех. Сепак, нивната улога е поважна (за големата слика, не за нив) во претседателските избори, бидејќи сите недвосмислено застанаа зад кандидатот на опозицијата Стево Пендаровски и како групација секако можат да обезбедат релевантен контингент на гласачи.
Албански корпус и односите ДУИ-ДПА
Кога некој би се обидел да нацрта некаков дијаграм на постапки, со кои ДУИ би си ја нанеле најголемата можна политичка штета, најверојатно немаше да успее да ја достигне глупоста која тие самите си ја направија со театарот околу консензуалниот кандидат. Сублимирано, ДУИ поради фактот што ВМРО не им прифати консензуален кандидат, ќе се обидат со бојкот и недоволна излезност да спречат успешен избор на Претседател во вториот круг од претседателски избори. Но во исто време, нанивно барање!?!? се закажуваат предвремени парламентарни избори, кои треба да се совпаднат со вториот круг претседателски избори, токму за да се овозможи достигнување на потребниот цензус за избор на претседател. Покрај тоа, во низа преговори на релација Сушико бар – Интермецо, ДПА предводена од Тачи излегува со претседателскиот кандидат Илјаз Халими, со што обидот за рушење на цензусот на ДУИ станува беспредметен. Всушност, ДУИ толку многу се заплеткува во сопствената трапавост, што во ист ден се појавуваат две дијаметрално спротивни позиции, пласирани од врвните луѓе во партијата, лидерот Али Ахмети и високиот функционер Муса Џафери. Оваа трапавост, несмасност, аматеризам и на крајот глупост, не може а да не ја чини ДУИ сериозни политички поени кои сигурно ќе се преточат во влошен резултат за ДУИ на овие избори. Во моментов, политичката конјуктура е во корист на ДПА и нема да ме чуди тие да бидат следните владини партнери, без разлика што секако ќе имаат помалку пратеници од ДУИ. Иако анализата на состојбата во албанскиот кампус и релациите ДУИ-ДПА главно се врзуваат за парламентарните избори, тие се од голема важност и за претседателските избори.
ТАЈМИНГОТ И НЕГОВОТО ВЛИЈАНИЕ
Една од поважните карактеристики на овие избори се тајминзите на нивното одржување. Поради стравот од можноста за бојкот на вториот круг претседателски избори и неисполнување на потребниот цензус од 40% излезност, ВМРО преку „спунтот“ на  ДУИ обезбеди совпаѓање на вториот круг претседателски избори заедно со единствениот круг предвремени парламентарни избори на 27 април. За тоа да се оствари, првиот круг претседателски избори мора да се одржи две недели порано, или на 13 април. Оваа најобична „техникалија“, суштински ја менува целата приказна на овие избори. Иако исходот на парламентарните избори е неколкукратно поважен од исходот на претседателските, со самиот факт што претседателските избори доаѓаат две недели порано, тие го преземаат приматот и акцентот кој ја дефинира приказната за двете изборни соочувања. Резултатот од првиот круг претседателски избори, ќе имаат силно и можеби одлучувачко влијание не само врз исходот од вториот круг претседателски избори, туку и на исходот на единствениот круг предвремени парламентарни избори на 27 април. Двете најголеми партии во македонскиот политички кампус имаат пристојни аналитички центри и тие секако го знаат тоа. Затоа за очекување е ВМРО и СДСМ да заземат соодветна позиција по однос на овие заклучоци.
ПОЗИЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ
ВМРО-ДПМНЕ на овие избори влегува супериорна, со стабилно гласачко тело и секако како очекуван фаворит. Тие на располагање ја имаат моќта на власта, институциите и парите кои недвосмислено и не ретко дрско ги злоупотребуваат. На нивна страна не само што ја имаат наклонетоста на масовните „меинстрим“ медиуми, туку најголемиот дел од нив функционираат како директна испостава на нивниот центар за комуникации. Ако на тоа се додаде и релативно разработената и скапо платена партиска машина, вработувањата, пензиите и сите останати масовни коруптивни елементи за кои обезбедија пари со огромните задолжувања, за очекување е тие и на овие избори да си ги обезбедат потребните 400.000 гласови. Познавајќи ја својата сила, тие одлучија дека нема потреба да прават компромиси за својот претседателски кандидат и одбраа да истрчаат со релативно безличниот Ѓорѓе Иванов. Нивната позиција за овие избори е дека тие се доволно партиски надмоќни над противникот, што нема потреба да измислуваат додадена вредност на претседателскиот кандидат за да остварат значителна победа. Оттука за очекување е нивниот фокус да не биде ликот и делото на Ѓорѓе Иванов, туку напротив: успехот, големината и очекуваната победа на партијата ВМРО-ДПМНЕ, секако, попратени со негативната кампања и омаловажувањето на нивните противници СДСМ и нивниот претседателски кандидат Стево Пендаровски.
ПОЗИЦИЈА НА СДСМ
СДСМ од друга страна, иако претставува единствената организиран политичка групација која може да го предизвика моќниот ВМРО-ДПМНЕ, на овие избори влегува сѐ уште незакрепната од конгресната промена на раководството пред безмалку девет месеци. Не можам да очекувам дека за овој кратко период тие успеале да ја консолидираат партиската структура, ниту пак дека успеале да ги завршат сите предвидени партиски реформи за кои добија мандат од конгресот на партијата. Освен делумните успеси кои ги постигнуваат на интернет медиумите и социјалните мрежи, имаат прилично лош пласман на своите тези во масовните „меинстрим“ медиуми. Овие вториве пак, не штедат простор и енергија постојано дрско да ги „черечат“!. Внатрешните поделби и групирања, иако со повремени надворешни изблици, прилично вешто се чуваат и разрешуваат внатре во партијата, што претставува вистинска реткост и новост за таа партија. Промоцијата на неколкуте носечки столбови на нивната нова програма на почеток доби симпатии меѓу општата јавност, но и со тоа не успеаја да стекнат доволен публицитет со кој би агрегирале политичка релевантност и засилена позиција. Неколкуте афери кои внимателно и дозирано ги објавуваат добија силен публицитет, и очигледно тоа е сега за сега единствената приказна која успешно ја пласираат. Познавајќи ја сопствената партиска слабост и подредена позиција во која се наоѓаат, тие сите свои карти ги ставија на претседателскиот кандидат. Мое лично мислење, (потврдено и од голем број луѓе со кои сум разговарал) е дека Стево Пендаровски, во моментов преставува најдоброто можно решение за претседателски кандидат на СДСМ и единствена шанса која во моментов може да предизвика поместување на политичката сцена. На крилјата на оптимизмот, здобиени со победата на Андреј Жерновски во Центар, Стево Пендаровски во моментов има потенцијален политички габарит да ја преслика атмосферата од Центар на ниво на цела Република Македонија. Таа приказна претставува единствениот носечки адут за овие двојни избори на СДСМ со која може да се обиде да се спротивстави на огромната партиска машинерија на ВМРО-ДПМНЕ.
СУДИРОТ ВМРО-ДПМНЕ - СДСМ
Токму поради тајминзите на овие избори (за кои претходно зборував), клучната битка која може да го определи конечниот исход не само на претседателските, туку и на предвремените парламентарни избори ќе биде првиот круг на претседателските избори на 13 април. Иако со значително послаба почетна позиција, СДСМ на 13-ти април настапува со високо потенцијален кандидат за претседател, за кој недвосмислено се смета дека не само што ќе ги обедини релативно раслоените гласови на СДСМ, туку и има потенцијал да повлече голем број гласови надвор од корпусот на СДСМ. Со правилна позитивна кампања, СДСМ на Стево Пендаровски може да му ги донесе поголемиот број гласачи на АПМ или на ГРОМ, кои поради природата на овие избори, лесно ќе се откажат од поддршката за релативно анонимниот кандидат – Зоран Поповски. Натаму, потенцијалот на Пендаровски лесно може да ги придобие пасивните гласови на незадоволниците од власта кои имаат анимозитет кон СДСМ (во најголем дел поддржувачите на ВМРО-НП, Обединети за Македонија и Достоинство), голем дел од неопределените гласови, променливите гласачи (свингерите), разочараните албански гласачи за кои бојкотот не претставува доволен отпор кон Власта, па дури и дел од умерените гласачи на ВМРО-ДПМНЕ. Она што е најголемата шанса за СДСМ е и најголемата опасност за ВМРО. Имено, недвосмислено ВМРО-ДПМНЕ во моментов има поголема политички предност која на единствени парламентарни избори, лесно би се преточила во барем идентичен (или поповолен) распоред на собраниските пратеници како и сегашниот. Но на 13-ти април граѓаните ќе гласаат само за понудените претседателски кандидати, каде нивниот Ѓорѓе Иванов е под сериозна закана да добие послаб резултат од очекуваниот. Нормално, никој не е толку наивен да претпостави дека Пендаровски во првиот круг ќе го прегази Иванов, но и близок резултат, дури и со мала предност на Иванов, ќе биде сериозен удар за политиката и имиџот на ВМРО-ДПМНЕ, како и голем шамар на позицијата - „Ние сме сигурни победници“. Секако ВМРО не би била толку голема партија ако и за тоа сценарио нема предвидено соодветни чекори. Ако случајно исходот на 13 април биде сериозна закана за нивниот кандидат Иванов, за очекување е тој полека да стане консензуален кандидат, нормално ако не со ДУИ, тогаш сигурно со ДПА. Иако тоа најверојатно значително ќе им ги зголеми шансите за победа на нивниот претседателски кандидат во вториот круг, таквата авантура ќе има силно влијание на општата приказна и редефинирање на основните политики на оваа партија, пред сѐ во однос на Албанците. На крајот, она што е најважно, ваквото сценарио ќе има многу силно влијание врз расположението на граѓаните и нивното однесување на 27 април на предвремените парламентарни избори. Доколку се сруши митот на доминација и непобедливост на ВРМО-ДМПНЕ на 13 април, за очекување е ВМРО да биде многу непријатно изненаден од исходот на предвремените парламентарни избори на 27 април.  
КАТАКЛИЗМАТА НА СДСМ
Од друга страна доколку, поради различни фактори, СДСМ не успее на 13 април да го капитализира потенцијалот на Стево Пендаровски и ВМРО-ДПМНЕ успее да обезбеди предност од околу 100.000 гласови, тоа ќе значи целосен дебакл на СДСМ на овие двојни избори. Тоа разочарување ќе се прошири на целата партиска и гласачка структура на СДСМ, што на предвремените парламентарни избори на 27 април ќе резултира со целосна доминација на ВМРО-ДПМНЕ и најверојатно доминантно освојување на пратеничките мандати. Така би се отворила и шанса за новите левичарски ГРОМ и АПМ, кои ќе се здобијат со можност да капитализираат трошки од огромниот дебакл на СДСМ, преточен во неколку нивни пратеници. Искрено, ова катаклизмично сценарио не само што е целосно спротивно на моето убедување, туку сметам дека ќе претставува и огромен пораз на демократските процеси во Македонија, после кои многу тешко ќе можеме да се вратиме назад.
ЛИЧЕН КОМЕНТАР
Јас лично не само што ќе гласам за Стево Пендаровски, туку и активно ќе го ширам мојот став, дека Стево Пендаровски е најдобриот можен кандидат за Претседател. Искрено, сметам дека е сега вистински момент и ретка шанса, да им се зададе сериозен удар на ароганцијата, дрскоста и триумфализмот на ВМРО-ДПМНЕ, што ќе доведе до нормализирање на политичката сцена и враќање на вербата во демократијата. Во спротивно сметам дека не само што опозицијата ќе преживее дебакл од кој нема да може да се оправи, туку и воопшто ќе ја снема вербата во демократските процеси на Македонија.

1 comment:

  1. Се сложувам со огромен дел од напишаното, освен за позицијата на ДУИ. Прво, по толку години на власт ДУИ обезбеди стабилно гласачко тело кое вреди помеѓу 10 и 16 пратеници, и тоа во нивниот штаб многу добро го знаат. Тактизирањето со наводен бојкот, според мене не е ништо повеќе од предизборен маркетинг. Да, тие ќе го бојкотираат првиот круг но во вториот гласовите на ДУИ ќе имаат огромна важност бидејќи се' укажува на тоа дека ќе има егал резултат помеѓу Пендаровски и Иванов. Оттука, со добро пазарање, мошне сум убеден дека ДУИ ќе го поддржи Иванов и таквата одлука би се донела во предвечерјето на изборите (слично како и изборите во 2009-та) Со таквата поддршка и со резултатите на парламентарните избори кои еве хипотетички ќе кажам дека би биле слични на сегашните, ДУИ дополнително ќе го засили својот коалиционен капацитет. Тоа е мое мислење а колку е точно ќе видиме после 27-ми април.

    Инаку, анализата ти е многу добра, и дефинитвно фалат вакви писанија макар и на нетов, кога веќе ги нема по традиционалните медиуми.

    Поздрав

    ReplyDelete